„Газда“

Филмот бара одговори за прашањето како се станува газда во Хрватска.

Људевит Јуричан работел во „Конзум“ 40 години. Тој бил врсник со својот долгогодишен работодавец Ивица Тодориќ и датумите на раѓање им се разликувале за само 11 дена. Двајцата завршиле средно училиште на плоштадот „Кенеди“ во Загреб, а првото дете го дочекале во 1976 година – Ивица Тодориќ ќерката Ива, а Људевит Јуричан синот Дарио. Дарио сакал да направи интервју со работодавецот на неговиот татко – Ивица Тодориќ, но тој одбивал. На режисерот не му преостанало ништо друго освен да ги дознае одговорите.

Во октомври 2017 година, хрватскиот државен обвинител издаде налог за апсење на Ивица Тодориќ, основачот на проблематичниот конгломерат на храна и малопродажба „Агрокор“, кој е под истрага заедно со други врвни менаџери за наводни финансиски нерегуларности во компанијата. Тодориќ и 12 други поранешни извршители на „Агрокор“, меѓу кои и двајцата синови, како и две лица од локалната ревизорска куќа што ги водеше финансиските извештаи на „Агрокор“, се сомничат за злоупотреба и други незаконитости врзани за повреда на обврските на водење бизнис-книги и неправилности во работењето утврдени со ревизијата на финансискиот извештај.

Локацијата на Тодориќ во моментов е непозната.

Хрватска во април ги блокираше сметките на „Агрокор“, најголемата хрватска приватна фирма со околу 60.000 вработени низ целиот Балкан, поради долг за неисплатени даноци и долгови кон добавувачи и останатите кредитори.