Бети Медсгер

истражувачка новинарка и писателка (преку Скајп)

Во март 1971 година, петмина американски новинари добиваат копии од документи украдени од канцелариите на Федералното истражно биро (ФБИ). Четворица од нив веднаш ги предаваат во ФБИ без да објават за каква содржина станува збор. Петтата, тогашна новинарка во „Вашингтон Пост“, Бети Медсгер, е единствената која го презема ризикот и пишува за анонимно добиените материјали.

Документите обелодениле дека Џ. Едгар Хувер ја користел својата позиција како директор на ФБИ и веќе речиси половина век спроведувал тајни активности што директно се косат со самата цел на федералното истражно биро. Нелегалното надгледување илјадници граѓани и противзаконските, често и насилни мерки против граѓанските активисти и Афроамериканци имале за цел да го потиснат секој изблик на незадоволство кај народот.

Иако потрагата по нив прераснала во најопсежната ФБИ истрага дотогаш, сепак идентитетот на „крадците“ за прв пат се открива во книгата на Бети Медсгер, „Грабежот: Разоткривањето на тајното ФБИ на Џ. Едгар Хувер“, објавена во 2014 година.

Медсгер ја раскажува приказната за храбрите активисти и моќниот одек на нивната ненасилна граѓанска непослушност. Пред овој грабеж, ниту властите, ниту медиумите не барале одговорност од разузнавачките агенции. Обелоденетите информации ја преобразиле сликата за ФБИ во јавноста и довеле до првите истраги околу работата на ФБИ и останатите разузнавачки служби.

Медсгер била шеф на катедрата и предавала новинарство на Универзитетот во Сан Франциско, каде го основала и Центарот за интеграција и напредок во новинарството, организација посветена на воведување етничка и расна разноликост во медиумите.

Авторка е на три книги и кураторка на збирката документаристички фотографии „Жени на работа“.