Драган Гмизиќ

новинар, режисер и продуцент

Српскиот новинар, режисер и продуцент Драган Гмизиќ е основач на продукцијата Greenfield, каде обработува социјални, политички и еколошки теми поврзани со регионот на поранешна Југославија. Автор е на „Рамница без птици“, документарен филм за нелегалниот лов на птици, со кој го освои второто место на Наградите за истражувачко новинарство од Европската Унија.

Работејќи како професионален новинар од 1998 година, Гмизиќ соработувал со повеќе српски и меѓународни медиуми, како Радио 021, B92, Voice of America, WDR (Westdeutscher Rundfunk), NOS (Nederlandse Omroep Stichting) и РТВ Војводина.

Во 2006 година ја започнува соработката со Американскиот меморијален музеј на Холокаустот на проект за документирање на сведоштвата за Втората светска војна на териториите на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Награден е за социјално одговорна репортажа на Интернационалниот фестивал за репортажи и медиуми – ИНТЕРФЕР 2013, а во 2014 година ја објавува книгата „Земја, нафта и луѓе – сведоштва за економскиот раст на Војводина 1974-88“.