Снежана Лупевска

новинарка и продуцентка

Македонската новинарка Снежана Лупевска-Созен е основач на продукцијата „Тринити плус“, каде како авторка и продуцентка ја реализира истражувачката емисија КОД.

Кариерата ја започнала во 1994 година како новинарка и репортерка за внатрешна политика, криминал и корупција во А1 ТВ, а од 1997 година и како уредничка на вестите во оваа телевизија.

Од 2007 година Лупевска е продуцентка и авторка на емисијата Код, најпрво прикажувана на А1, а подоцна, во продукција на нејзината „Тринити плус“ емитувана на Канал 5 и ТВ Телма. Освен истражувачката КОД, „Тринити плус“ од 2009 година па наваму ги бележи проектите „Агенти на промените” – серија емисии за ПР и менаџмент- лидери во светот, „Добра идеја” – промоција на иновативни бизниси во Македонија, „Калдрма” – емисија за децантрализацијата во Македонија, „Запознај ме” – емисија за маргинализирани групи и „Еднакви” – емисии за правата на ЛГБТ заедницата во Македонија.

За својата работа Лупевска во 2004 година од Американската амбасада добива награда за извонредни постигнувања и промоција на демократијата во Македонија, а во 2012 година доделена ѝ е наградата „Јашар Ербара“ од Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ. Нејзината емисија КОД е наградена со пофалници од Македонскиот институт за медиуми во 2009 и 2010 година.

На 17 февруари 2001 година, во селото Танушевци, припадници на ОВК ја киднапираат, а подоцна и ослободуваат Снежана Лупевска-Созен, заедно со телевизиската екипа со која работела. Следниот ден во Македонија почнува вооружениот конфликт меѓу припадниците на ОВК, кои се откриени од страна на Лупевска, и македонската војска и полиција.